Македонија 15. јануари 2021. / 15:47

Новопримените професионални војници дадоа свечена заклетва

Новопримените професионални војници дадоа свечена заклетва

Новопримените професионални војници кои беа дел од последниот конкурс на Министерството за одбрана за прием на 200 професионални војници, денеска во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, ја дадоа својата свечена заклетва.

Заменик министерот Башким Хасани, како што соопшти Министерството за одбрана, на новопримените професионални војници во свое име и во име на министерката за одбрана Радмила Шекеринска им ја честиташе свечената заклетва и им порача да бидат горди на себе затоа што стануваат дел од институција во која граѓаните имаат најголема доверба.

Влегувате во институција која е најпочитувана, најценета, институција која своето реноме го има изградено затоа што секогаш и секаде била прва во помошта на нашите граѓани, истакна заменикот министер.

Хасани порача дека Армијата денес не е сама – зад себе има 29 сојузници, секоја од нив посветена на мирот, безбедноста и стабилноста, секоја од нив подготвена да ги брани овие вредности.

– Вие сте НАТО. Вие сте еднакви помеѓу еднаквите во најмоќната воено – политичка Алијанса во историјата на човештвото. Имајте самодоверба и самопочит, верувајте во своите капацитети. И, покажете дека припаѓаме таму, со најмоќните и највлијателните, рече Хасани.

На професионалните војници им се обратил и командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковник Виктор Еркиќ, кој истакна дека Армијата во професионалните војници гледа подмладок и нови капацитети и дека целокупниот нивен труд, успех и ангажирање ќе биде будно следен и вреднуван.

На давањето свечена заклетва во велешката касарна присуствувале и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредини и заменик командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Стојанчо Тодоров.