По втор пат одложена дебата на пратениците од власта и опозицијата на собраниска комисија за законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
И овој пат на барање на опозициската ВМРО ДПМНЕ, за законот за АВМУ нов обид е позициониран во среда по првомајските празници.
Канал 5 се обиде да добие одговор од партискиот портпарол Котевски зошто пратениците на ВМРО ДПМНЕ повторно инсистирале и добиле одложување да дебатираат со колегите од власта за овој закон од огромно значење за медиумската фела посебно на телевизиите членки на Македонската медиумска асоцијација, но до овој момент не добивме одговор.
Собраниски служби како причина за одложувањето на матичната комисија за транспорт и врски на која овој закон беше ставен како втора точка наведуваат дека наводно била приоритетна друга комисија, но доброупатени партиски извори за Канал 5 тврдат дека двете страни наводно не ги испеглале разликите околу амандманската интервенција за спорни членови од предлог законот.
Дали ова одложување е намерно блокирање на процесот на донесување на овој долгоочекуван закон од страна на вмро дпмне или станува збор на сериозна некоординираност меѓу партиите.
Министерот Манчевски за Канал 5 вели – изненадени сме од барањето на пратениците од ВМРО ДПМНЕ за пролонгирање на дебатата за Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги и истовремено инсистраме сите чинители да бидат вклучени во донесување на квалитетно законско решение. вчудоневидени сме од односот на опозициската партија посебно за закон за кој се направени огромни отстапки од страна на власта. Тие имаат поднесено над 60 амандмани, за некои и понатаму имаме различни ставови, но процесот мора да продолжи, а најдобро би било овој закон да се донесе со консензус, вели за Kанал 5 министерот Манчевски.