Министерството за внатрешни работи треба да почне со издавање нови регистерски таблички, во рок од четири месеци. Во меѓувреме, како преодно решение, МВР ќе обезбеди налепници со ознака ‘NMK” за регистерските таблички на возилата. МВР треба да преземе и мерки и активности за спроведување на решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање нови патни исправи. Издавањето нови пасоши треба да започне од крајот на 2019 година. Во преодниот период, МВР при излез од или влез во Република Северна Македонија, во постојните и новоиздадените во преодниот период патни исправи ќе става печат кој ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
-Народната банка со оглед на комплексноста на постапката треба да направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност, а првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 година. Потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од пет години од отварањето на релевантното ЕУ поглавје.
Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, да се променат во рок од два месеци. Во рок од шест месеци треба да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности. Во рок од шест месеци, треба да се пристапи кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени.