Македонија 26. јули 2018. / 16:37

Новите членови на ДИК: адвокати, службеници, поранешни пратеници…

Новите членови на ДИК: адвокати, службеници, поранешни пратеници…

Поранешни пратеници, адвокати, државни службеници и судија во новиот состав на Државната изборна комисија. Дел од новите членови на комисијата која ќе треба да го спроведе референдумот се делумно познати на јавноста.

Оливер Деркоски, кој е избран за претседател на ДИК, e поранешен генерален директор на „Македонски железници-Транспорт“ од 2010 до 2015 година. Две години работел и во УЈП како раководител на сектор за присилна наплата, а претходно во два мандата Деркоски беше и пратеник. Пред две години СДСМ го обвинуваше Деркоски за непотизам, но и богатење за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Како што обелоденија тогаш од СДСМ, Деркоски се стекнал со два стана во Скопје, од кои едниот за време на неговото директорување во МЖ – Транспорт.

Член на ДИК на предлог на СДСМ ќе биде поранешниот прв човек на Комисијата, Борис Кондарко. Тој во 2013 се повлече од претседателското место во ДИК, како што наведе од лични причини, иако неговата оставка ја најави Заев, кој лоцираше вина во ВМРО-ДПМНЕ за неможноста од вистинско прочистување на Избирачкиот список. Оттогаш Кондарко се повлече од политичката јавност и се врати на адвокатурата. Претходно тој беше и пратеник од 2002 до 2008 година.

Меѓу членовите на предлог на СДСМ се и судијката Радица Ристеска од Охрид, како и Јанаќе Витановски, раководител на сектор во ДИК, за составување и ажурирање на Избирачкиот список. Витановски претходно беше член и претседател на Комисијата за лустрација, како и пратеник од 1996 до 2002.

Предлог на ВМРО-ДПМНЕ е и Елизабета Постоловска, државен службеник во Министерството за финансии, а на Движењето Беса е Енвер Саљихи од Куманово, кој има работно искуство во Агенцијата за катастар на недвижности. Потпретседател на ДИК ќе биде Дитмире Шеху на предлог на ДУИ, која работела како секратер во Општина Гостивар, а потоа и раководител на одделението за јавни набавки.

Новиот состав на ДИК беше избран синоќа со 100 гласа „за“ и ќе има мандат од шест месеци.