Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ќе воведе нови летови од Скопје, Белград и Тузла до Салцбург, што треба да почнат да сообраќаат од 2 и 3 јули. Од секој од овие градови двапати неделно ќе има летови со авион „Ербас А320“.
Ваквата најава доаѓа само еден ден откако авиокомпанијата објави дека во јули воведува летови од Милано до Приштина.
„Визер“ соопшти дека по кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, ќе бара нови можности и своите капацитети ќе ги насочи кон нив.
Свесни сме дека ќе има краткорочен пад на побарувачката поради корона вирусот, па затоа ги намалуваме нашите капацитети согласно тоа, но не затвораме ниедна рута ниту база – вели основачот на авиокомпанијата „Визер“, Јожеф Варади, коментирајќи ја новата одлука.
Варади додава дека само ќе се намали фреквенцијата на летови на одредени линии. Тој истакна дека продолжуваат да нарачуваат авиони и дека до јуни ќе има 22 нови нарачки, со што флотата на компанијата значајно ќе порасне, па затоа се воведуваат нови рути, а и нови бази.