Македонија 25. јули 2018. / 15:31

Нов случај на дете со дијабетес испратено од Охрид на Детската клиника

Нов случај на дете со дијабетес испратено од Охрид на Детската клиника
Уште едно дете со дијабетес од Охрид е на пат кон Детската клиника. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Макфакс“ велат дека станува збор за 6-годишно дете со новооткриен дијабетес, кое во стабилна состојба било испратено од Општата болница во Охрид.
Ова е четврти случај на дете со дијабетес на Клиниката за детски болести за само една недела. Вчера на Клиниката беше донесено 14-годишно дете од Охрид во тешка здравствена состојба, а претходно биле примени уште две деца, едно деветгодишно од Гевгелија и тригодишно од Свети Николе, кое сега е испишано од Клиниката.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат најавија дека во тек е вонреден инспекциски надзор кај матичните лекари на децата, како и во општите болници од кои тие деца се препратени пред да бидат донесени на Детската клиника. Сите одговори за евентуални пропусти во лекувањето здравствените власти ги очекуваат по извештаите од инспекциите.