Весникот Њујорк Тајмс во текст под наслов „Посета на папата Франциск ја става Северна Македонија на светската мапа (Visit by Pope Francis Helps Put North Macedonia on the Map)“, пишува за денешната историска посета на папата на нашата земја.
Откако горчливиот спор за името со Грција конечно се реши и членството во НАТО се очекува до крајот на годинава, Северна Македонија доби уште еден знак дека нејзината речиси тридецениска меѓународна изолација завршува: се случи првата папска посета на земјата, пишува весникот.
Во текстот се потсетува на патот на нашата земја од независноста до Договорот од Преспа и промената на името и очекуваниот влез во НАТО, како и олеснување на патот кон ЕУ.
Сепак, не сите присутни го споделија ентузијазмот на папата за овие случувања, пишува весникот и пренесува дел од говорот на претседателот Ѓорге Иванов, претставувајќи го како еден од противниците на договорот кој одбива да го користи новото име. Њујорк Тајмс пишува и дека Иванов е на самиот крај на својот мандат и дека неговиот наследник Стево Пендаровски е поддржувач на договорот.
Во текстот е пренесена и изјава на премиерот Зоран Заев, како и дел од говорот и пораките на папата Франциск.