За потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, една од причините за неуспехот на владата на Зоран Заев да испорача реформи и да добие старт за преговорите со Европската Унија е договор кој тој го договорил „позади завеси“, според кој Македонија би влегла во преговори со ЕУ заедно со Албанија.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преку прес-конференција за медиумите се обрати до јавноста во врска со блокадата на Бугарија, како и потфрлувањето на власта во задачата зададена од Европската Унија – исполнување на реформи во администрацијата, реформи во безбедносните служби и борба со организираниот криминал и корупција. Николоски упати барање за одржување на итна лидерска средба, побара оставка од Зоран Заев и ја искажа потребата од формирање на влада за национален спас.
– Уште во 2019-та година, апелирав да не се прави грешка и да не се прават договори позади завеса за влегување на Македонија во иста група со Албанија. Тоа за жал се случи, и во јуни 2018-та, Македонија не доби датум за почеток на преговори со Европската Унија затоа што немаше доволен степен на реформи и влезе во иста група со Албанија. Европската Унија даде три услови коишто требаше да се реализираат до јуни 2019-та: Реформи во администрацијата, реформи во безбедносните служби и борба со организираниот криминал и корупција. Во Јуни 2019та година, владата на Заев не испорача во однос на овие три прашања. Реформи во администрацијата немаше, реформи во безбедносните служби благодарение на ВМРО-ДПМНЕ се случија, но само на хартија, а не и во пракса, а за борба со организиран криминал и корупција, не сакам ни да зборувам, рече Николоски на прес-конференцијата.