Македонија 16. октомври 2018. / 17:41

Николоски од Брисел: Владата зборува само за прашањето на името како изговор корупција, злоупотреба на моќ и лоши резултати

Николоски од Брисел: Владата зборува само за прашањето на името како изговор корупција, злоупотреба на моќ и лоши резултати

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски се обрати на конференцијата на ЕПП насловена „ЕУ – Западен Балкан како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“.

Во својот говор, Николоски се осврна на работењето на македонската власт, која според него, спорот со името го решава како изговор за лошите политики кои ги има.

Тој потсети дека владата дојде со ветување за решавање на проблемите со корупцијата и криминалот и дека ќе донесе до целосно независно судство и владеење на правото.

-Овие приказни беа и се убави и тие го кажуваат во Брисел тоа што сакате да го слушнете, но реалноста е сосема спротивна. Злоупотребата на власта се зголемува, а семејството на премиерот и вицепремиерот контролираат голем дел од бизнисите во земјата.- рече Николоски.

Според него, фактите се јасни, индексот на перцепција за корупција од страна на Транспаренси интернешнл Македонија е на 107 место!  Споредено со само пред две години во 2015 година земјата беше на 66 место.  Потоа е економијата, каде од земја со најголем раст во регионот, Македонија се најде помеѓу најсиромашните. Градежништвото е намалено за 30% само за една година, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува само 23% за 10 месеци, а јавниот долг се зголемува и е близу 50%.

-За сето тоа Владата молчи. Тие зборуваат само за прашањето за името како изговор за корупција, злоупотреба на моќ и лоши економски резултати. Второ опозицијата беше целосно исклучена во текот на целиот процес и владата преговараше сама. Немаше ниту волја да разговара и да сподели со нас. Некој може ќе каже дека тоа е политичка одлука. Се согласувам. Но, Владата потпиша договор кој без ВМРО-ДПМНЕ не може да се спроведе.- истакна Николоски.

Во однос на референдумот, Николоски истакна дека тие се обиделе да бидат конструктивни во сите процеси, и барале информации кои речиси никогаш не ги добивале, а дававале предлози кои никогаш не беа сфатени сериозно.

-Кога се разговараше за референдумот, ја предложивме формата на прашањето, предложивме две одделни прашања. Дали се согласувате Македонија да влезе во ЕУ и второто, дали се согласувате со договорот со Грција. На тој начин луѓето може слободно да одговараат на двете. Прашањето што владата го постави на референдумот беше повеќезначно и една од главните причини што луѓето останаа дома и не гласаа. И тој предлог беше одбиен. – истакна Николоски