Македонија 25. март 2020. / 16:07

Нема заболени осудени и притворени лица, сите контакти се забранети од 11 март

Нема заболени осудени и притворени лица, сите контакти се забранети од 11 март

Управата за извршување на санкциите согласно владините препораки од 10 март годинава донесе забрана за контакти на осудените и притворените лица со надворешниот свет и презема мерки за одржување на високо ниво на хигиена, дезинфекција и сите достапни мерки за заштита, информираат од Управата за извршување на санкциите.

– Ја демантираме информацијата за појава на заболени осудени и притворени лица од новиот коронавирус кои се наоѓаат на издржување казна затвор и мерка притвор во казнено-поправните установи во нашата држава, се вели во соопштението од Управата за извршување на санкциите во врска со изјавата дадена од адвокатот Насер Рауфи на порталот „Журнал.мк“.

Од таму нагласуваат дека веднаш по препораките на Владата од 10.03.2020 година донеле Наредба со која од 11.03.2020 се забранети контакти на осудените и притворените лица со надворешниот свет, а исто така преземени се сите мерки за одржување  високо ниво  хигиена, дезинфекција и сите достапни мерки за заштита.

– Новодојдените лица се сместуваат изолирано се до моментот кога ќе се утврди дека во периодот на инкубација, не пројавиле симптоми на болеста. Сите вработени во казнено-поправните установи исто така ги почитуваат препорачаните мерки за заштита при меѓусебните контакти и контактите со осудените и притворените лица, се вели во соопштението.

Од Управата, исто така, наведуваат дека доколку во  која било казнено-поправна установа се појави случај со потврдена дијагноза од овој вирус, медиумите ќе бидат известени за истото и ќе се преземат мерки согласно со препораките.