Според официјалните податоци, што беа соопштени денеска, за состојбата со коронавирусот во државава, потврдено е дека во Дебар нема новозаразени, а негативен е и тестот на последниот случај кој беше присутен во градот.
– Во нашиот град повеќе немаме новозаразени од опасниот вирус. И за последниот случај што го имавме вториот контролен тест излезе негативен, што значи дека и тој е впишан во списокот на лицата кои ја добија битката со овој вирус. Вкупната бројка на заразени останува 51 од кои двајца од Центар Жупа. За жал четворица од заболените починаа, изјави за МИА градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
Тој посочи дека нема лица ниту во изолација, ниту пак во самоизолација.
Граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните, затоа што „битката е добиена, но не и војната со невидливиот непријател“, додаде Дука кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб.
Инаку дебрани и понатаму се мошне доследни во почитувањето на препораките и мерките. Забраната за движење во периодот од речиси два месеца ја прекршиле помалку од десет лица.
Од Оштата болница си замина и последната, четврта група лекари специјалисти кои доаѓаа од Скопје и од други градови за да помогнат во справувањето со коронавирусот.