Парламентарното мнозинство ги нема потребните 61 глас за обезбедување кворум, поради што Собранието денеска не успеа да ја избере судијката Добрила Кацарска за член на Уставниот суд.
Една пратеничка на СДСМ е позитивна на Ковид-19. Шеесет и еден глас се потребни за избор на уставен судија, додека за кандидат од немнозинските етнички заедници е потребно и Бадентерово мнозинство.
Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека, бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.
Инаку, и во текот на денешната расправа, опозицијата настапуваше со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа побара предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владејачкото мнозинство потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.
Пратеникот Владо Мисајловски, кој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека предлогот Кацарска да биде уставен судија е награда затоа што таа помогнала да се промени уставното име на Македонија.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, рече дека има сведочење од обвинител оти Кацарска влијаела на судски постапки, што е спротивно на законот и што е основа за разрешување, а не за наградување.