Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите: основно, средно и високо, денес учествуваа во онлајн дебата којашто е дел од јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.
На состанокот беа кажани предлозите и коментарите на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и беше констатирано дека реформите се неопходни.
Министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку напротив веќе доцниме.
-За првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата, рече Царовска.
Министерката посочи дека со предложената концепција се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периоди што не е случај сега.
-Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории кадешто учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења, рече Царовска.
Министерката истакна дека секаде во свет рамката за Нацрт-концепцијата ја изработуваат педагози и психолози што е првата фаза, а потоа во пишувањето на наставните програми што се втората фаза се вклучени професори и наставници од посебните области коишто се вклучени во наставата.