Заштитата на ВИП личности и објекти е тема на научната конференција во Охрид на која учество зедоа повеќе експерти од регионот. Целта е да се споделат искуства и знаења, како и да се зголеми соработката помеѓу надлежните служби што ќе придонесе за зголемување на безбедноста. Во Министерството за внатрешни работи на Македонија во тек се реформи во сферата на заштита на личности и објекти чија цел е да се достигнат стандардите на западноевропските држави.
Република Македонија со својата местоположба и со јасно декларираните национални приоритети за целосно интегрирање во евроатланските структури, ниту била, ниту ќе биде заобиколена од разни форми и видови на безбедносни ризици. Ова на првата Научна конференција за заштита на ВИП личности и објекти од регионот го рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при што посочи дека е започната сериозна реформа во оваа сфера со цел да се достигнат стандардите на евроатланските партнери. Сепак за подобро да се одговори на современите безбедносни предизвици неопходна е соработка со државите од регионот и пошироко.
„Секој безбедносен предизвик во окружувањето претставува опасност за ВИП личностите и објектите. Поради тоа е многу важна координацијата помеѓу надлежните служби, чии стандарди не треба да бидат само национално обоени“, вели проф. д-р Зоран Кековиќ од Факултетот за безбедност- Белград.
Според експертите, приватните агенции за обезбедување придонесуваат за зголемување на безбедноста во државите.
„Сметам дека тие можат да бидат само на припомош. Она што се прави во другите држави е дека приватното партиципира и во другите сектори на обезбедување, онаму каде што сеуште ние имаме некаков систем на спроведување на онаа севкупна безбедност од нашите безбедносни служби, односно службите кои спаѓаат во безбедносниот сектор“, изјави проф. д-р Злате Димовски, Факултет за безбедност- Скопје.
На научната конференција беше заклучено дека само со изградба на флексибилен, ефикасен и технички модернизиран концепт државите ќе можат да се справат со современите предизвици при заштита на ВИП личности и објекти.