Во Делчево почна изградбата на атмосферската канализација на улицата 7 во населбата СРЦ. Надлежните информираат дека согласно градежните активности кои ги изведуваат екипи на Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница“, предвидена е изградба на канализација во должина од околу 250 метри, по што, како што додаваат, инсталацијата ќе биде приклучена во коритото на река Брегалница.
Досега од оваа инвестиција на Општина Делчево се изградени околу 120 метри. По завршување на изградбата на атмосферската канализација, ќе се пристапи кон изградба на улицата во должина од 290 метри која сега е со земјен коловоз, информираат надлежните.
Изградбата на оваа улица е во рамките на големиот инфраструктурен проект „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево“ што се реализира преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка.
Во рамки на овој проект, Општина Делчево доби средства за подзаем од 32,2 милиони денари за реализација на проектот што подразбира, освен изградбата на комплетно нова улица во СРЦ, реконструкција и на улицата „Маршал Тито“со должина од 743 метри, реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ со должина од 599 метри, со што преку овој проект ќе се реконструираат 1300 метри локални улици, а ќе биде изградена комплетно нова улица во должина од 290 метри – информира градоначланикот на Делчево, Горан Трајковски.