Австрискиот весник „Пресе“ ги истражува можностите што би се случиле доколку членките на Европската Унија не се согласат да одредат почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Под насловот: „ЕУ и западниот Балкан: Време е за стоп и за потполно нов почеток“, авторот, Оливер Грим пишува дека по изборите во Европскиот парламент, новото раководство може да повлече рачна за проширувањето.
–Мнозинството граѓани во ЕУ не се заинтересирани за прием на многу сиромашните и институционално преоптоварени членки, па поради тоа може целосно да се откажат од намерата да ги направат земјите од регионот подготвени за пристапување, пишува „Пресе“.
-ЕУ се однесува како да има намера да ги прими земјите од Западен Балкан, а тие како да сакаат да се приклучат, според модел од периодот на реалниот социјализам, кога како виц се прераскажуваше дека комунистичките сопственици се преправаа дека ги плаќаат работниците, а работниците се преправаа дека работат. Сепак, ситуацијата не е за шега во ниту една земја, пишува виенскиот дневник.
Според авторот алтернатива за земјите од Западен Балкан е формирање на Балканска Унија по примерот на ЕУ. Во тој случај би се укинале границите меѓу овие земји, би се изградил заеднички пазар, заедничка енергетска политика, заедничка политика во телекомуникациите, како и во сообраќајот.
Со тоа, пишува Грим, би се зголемиле шансите за влез на западнобалканските земји во ЕУ, а би се елиминирала можноста некоја од земјите да го блокира или уценува пристапот на друга.
Иако проектот наликува на поранешна Југославија, весникот нагласува дека нема да има за цел повторно обединување на делови од поранешната СФРЈ.