Наместо со лидерите на парламентарните партии од албанскиот политички блок, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во хотелот „Парк“ во Скопје разговараше со новинарите.
Ова е епилогот од поканата на Ахмети до Зијаин Села, Африм Гаши, Билал Касами и Мендух Тачи, чии партии и коалиции освоија пратенички мандати на последните парламентарни избори.
Ахмети, за денеска, денот кога пред 19 години беше потпишан Охридскиот рамковен договор организираше неуспешна средба за која првично не даде објаснување за каква цел треба да се одржи. Неговото објаснување дојде предоцна, дури вчера попладне, откако претходно Касами, Села и Гаши јавно изјавија дека нема да присуствуваат на неа, а Тачи тоа го стори молчешкум.
Села, Гаши и Касами се согласија на средба со Ахмети, но во друг термин и под други услови и со јасно утврдени точки за разговори.
Денешната неуспешна средба во многу ги разнишува преговарачките позиции на ДУИ околу составот на новата Влада, а особено реализацијата на основното барање на прв премиер Албанец во Македонија.
За денеска, пак, е најавена нова средба меѓу Зоран Заев и Али Ахмети.