Слушав едно интервју, било новогодишно, застанав и слушав и сакав да чујам од Вас лично, како човек кој повеќе од една година престојува во градоначалничкиот кабинет … и слушав… Ве дослушав!
пишува: д-р Анита Ангелевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Битола
Ај, што бегате од медиумите и велите дека и понатаму ќе бегате, ај што нас не упатувате како советници да не си ја исполнуваме обврската преку говорницата – да искажуваме сопствени мислења, сугестии, идеи и предлози, па барате дури и Вас лично да не Ве прашуваме за актуелните проблеми во општина Битола, што всушност е наша основна обврска, туку бегате и од граѓаните. Плашејќи се од нив, бегате на улица, немате отворен ден за граѓани, не ги примате на разговор, не ги решавате нивните проблеми со легализацијата, нивните комунални проблеми, загадениот воздух, превозот на нивните деца – ученици, не одите да ги посетите местата што се оставени сами на себе и бараат итна акција од градоначалник! Еве една реална случка: возејќи се со еден таксист, целиот избезумен и дури со неверување, како што ми рече “од елементарната непогода што и се случи на Битола наречена Наташа Петровска”, ме задолжи да Ви пренесам, дека бесплатно ќе ве вози низ градот, барем да знаете што е реално досега направено без Вас и што мора сега Вие да сработите, под итно, бидејќи немате појма ниту за првото, а за жал уште помалку за второто. Бидејќи, прашањето Ви беше поставено, а не дадовте одговор, уште еднаш на Битолчани и на почитуваниот таксист им должите одговор: кога граѓаните ќе ги добијат термините за отворен ден? А, ако не сакате да одговорите на понудата, секако ќе морате да излезете и да видите низ општина Битола со што треба веднаш да се зафатите и да сработите! И покрај јасната позиција, како страстен поддржувач и реализатор на Заевите политики и неспособното владеење на СДСМ, многу е големо разочарувањето и кај Битолчани и кај Вашите некогашни поддржувачи кога гледаат, дека помина тешка и мрачна година за Битола, а она што така незграпно го испланиравте за 2019 е уште полошо и само потврда за неспособноста, незнаењето, негрижата. Зошто од 29 000 000, само 26% испланиравте за капитални трошоци? Зошто ги намаливте средствата за Граѓанските организации, иако лицемерно донесовте стратегија за соработка со нив? Зошто ги намаливте социјалните трансфери дури за околу 2 000 000 денари? Загадениот воздух ќе го решавате со 3 000 000 денари во Буџетот? Тоа го сметате за сериозно и хумано кон Битолчани? Зошто ги одбивте сите амандмани на опозицијата, иако во времето на ВМРО ДПМНЕ, тоа не беше практика, а Вие тоа многу добро го знаете. Не оддвоивте, иако побаравме, 1 000 000 денари за финансиска помош за децата со посебни потреби, не оддвоивте од ставката 426 210 репрезентација, програма Е0 3 000 000 денари за еко билборди! Наместо честитка за Нова година: Зафатете се со работа, имавте доволно време да разберете кои се должностите и обврските на еден градоначалник. Ако оваа година како професорка не си ги одржевте часовите, не предававте, не ги подучувавте, не ги оценувавте учениците, не сум сигурна, дека ќе земевте плата. Вие, земате плата, замислете се и фатете се за работа! Ќе помине брзо и 2019.