Намалување на бројот на новозаразени и на смртни случаи со ковид-19 имало во текот на минатата недела, забележува Институтот за јавно здравје во најновиот извештај.
Во неделата од 7 до 13 декември регистрирани се 5 518 нови позитивни случаи што е помалку за 14,6 проценти во споредба со неделата претходно.
За 9,2 отсто се намалил и бројот на тестирања, па така од 7 до 13 декември биле направени 15 857 тестови.
Ако се погледнат бројот на тестови и на позитивни случаи минатата недела, пресметките покажуваа дека 34,8 проценти од тестираните добиле позитивен резултат на тестот за коронавирус.
Новите случаи се регистрирани во 35 градови, а најголем дел од нив се во Скопје, дури 41,6 отсто.
По возрасни групи, најмногу од новозаразените се над 60 години – 27,2 проценти. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (18,9%), 50-59 (18,8%), 40-49 (18,7%) и 20-29 (11,7%). Најмал број од новите случаи се кај децата од 0-9 (1,3%) и од 10-19 години (3,3%).
Кога е во прашање бројот на смртни случаи, од 7 до 13 декември како последица на ковид-19 починале 174 лица што е намалување за 5,4 проценти во споредба со неделата претходно. Најголем број од починатите или 142 биле над 60 години. 24 жртви биле на возраст од 50-59 години, четири биле помеѓу 40-49 години, а по два смртни случаи се регистрирани во возрасните групи од 20-29 и од 30-39 години.
Бројот на излекувани пациенти, пак, речиси е ист. Регистрирани се 5 313 оздравени пациенти, што е само за 0,2 проценти повеќе од неделата претходно.