Македонија

Намалено нивото на Охридското Езеро, најкритично кај Студенчишкиот Канал

Намалено нивото на Охридското Езеро, најкритично кај Студенчишкиот Канал

Намалениот водостој на Охридското Езеро се заканува да прерасне во посериозен проблем.Општината апелира до надлежните институции и ја апострофира сериозноста на проблемот со моменталниот водостој на Охридското Езеро, особено на делот на Студенчишкиот Канал

Проблемот ескалира веќе одреден период наназад, што резултираше со намален водостој во езерото и каналот, што може да има сериозни последици врз рибниот фонд.

-За да не дојде до евентуален помор на риби, особено во делот кај Студенчишкиот Канал и поплитките делови на крајбрежјето на Охридското Езеро, веќе е испратен и соодветен допис до Министерството за транспорт и врски, од кои побаравме во рамките на нивните надлежности, да преземат соодветни мерки, со кои превентивно би се избегнале поголеми еколошки проблеми. Рибата поради нискиот водостој излегува на површина и наскоро може да се случи масовно да угинува поради недостиг на кислород- велат од општината.

Во неколку наврати и еколозите побараа да се прекине со испуштање на вода од езерото. Тие потенцираат дека нема вода во Билјанини Извори, а од пумпите на ЈП „Водовод“ нема дотур на свежа вода во каналот, што може да доведе до несакани последици.

-За да се надмине оваа состојба, од ЈП ‘Водовод’ е побарано да се исклучат пумпите со кои се зема вода за пиење од каптажата Билјанини Иизвори и истата да се пренасочи во Студечишкиот Канал за дотур на свежа вода и за да се зголеми нивото на вода и количеството на кислорот. Истото од страна на МЈП ‘Проаква’ е веќе преземено. Иако оваа количество вода е значителна за водоснабдување на градот Охрид, МЈП ‘Проаква без оглед на цената на чинење, постапи по нашето барање со цел да се спречи еколошка катстрофа.

Дополнителен проблем е што и прогнозата за периодов кој е пред нас не носи врнежи од дожд, што, доколку не се направи навремена превенција, може да доведе до посериозни последици.

Поради сето горенаведено, испраќаме апел до одговорните инситуции за итна реакција и примена на наведените мерки, за да се ублажат последиците од новонастанатата состојба“, соопшти Општина Охрид.