Македонија 21. јули 2020. / 16:46

Најмногу новозаболени се меѓу 40-49 години

Најмногу новозаболени се меѓу 40-49 години

Најголемиот број од новозаболените од Ковид-19 се на возраст од 40-49 години. Ова го покажува извештајот на Институтот за јавно здравје, според кој, има зголемување на бројот на починати лица на неделно ниво, а намален е бројот на новозаболени и оздравени лица.

Директорот Шабан Мемети за „ТВ21“ вели дека ваквата промена на старосната структура се должи на непочитувањето на мерките од страна на младите.

Промената на старосната граница кај младите се случува поради непочитување и некоректниот пристап на мерките како и неисполнувањето на препораките дадени од Комисијата за заразни болести. Тука спаѓаат журките, кафаните, ноќните клубови – вели Мемети за „ТВ21“.

Врз основа на епидемиолошките анкети во периодот 13 до 19 јули направени се 8161 тестирања и регистрирани се 1038 позитивни случаи на Ковид-19 што е за 35 случаи помалку од претходната недела. Новозаболени се регистрирани во 26 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (39.9%) и во Штип (14,4%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Состојбата околу Ковид 19 е на релативно високо ниво и се движи во границите како на пример Скопје од 24-90 на неделно ниво, при што доминираат општините Гази Баба, Чаир и Аеродром. Останатите случаи во државата како жаришта се Штип, Свети Николе и Радовиш. Свети Николе и Штип поради конфекциите, Радовиш поради старечкиот дом – вели Мемети за „ТВ21“.

Според Мемети, друго жариште во државата е Полошкиот регион, поточно Тетово и Гостивар каде се познати кластерите и начинот на трансмисија на вирусот.

Во периодот 13 до 19 јули, регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 81,8%. Вчерашниот биланс од 10 починати е четвртиот најлош во Македонија од почетокот на кризата, откако врвот беше достигнат на почетокот на месецот кога беа регистрирани 15 жртви.

Надлежните апелираат дека единствено носењето на маска од страна на сите може да помогне во стопирање на кризата со корона вирус.