Македонија 10. јануари 2021. / 12:30

Најлош извештај на УНЕСКО досега: Урбанистичкиот хаос го уништува живиот свет во Охридско Езето

Најлош извештај на УНЕСКО досега: Урбанистичкиот хаос го уништува живиот свет во Охридско Езето

Отстранување на дивопоставените објекти вдолж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките нотирани во најновиот обемен Извештај на УНЕСКО.

Извештајот за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот Регион е доставен до институциите во земјава, а Општина Охрид се очекува да го добие утре.

УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.

Според градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески проблемот е сложен, а за повеќето забелешки потребeн е долг период за да бидат отстранети.

– Добар дел од проблемот е како резултат на некомуникација во изминатите година на државата со УНЕСКО и со нивните советодaвни тела. Сега ставовите кои ги добиваме се поприлично ригидни и строги. Може да се остварат, но не може преку ноќ нешто што долги години не се водело соодветно грижа, вели Георгиески.

Охридскиот регион како атрактивна и уникатна туристичка дестинација треба да остане на Листата за заштитено подрачје, сметаат експертите.

–  Останувањето на листа на Oхридскиот регион на листата на Светско природно и културно наследство е од големо значење бидејќи иднината, развојот на Охрид го поврзувам со туризмот кој неспорно е поврзан со одржување на овој статус, вели Андон Бојаџи од Националниот парк Галичица.

Според еколозите, сѐ поизвесно е дека Охрид ќе се најде на листата на заштитено подрачје во опасност што пак од друга страна би значело користење на стручна помош, искуства и механизми на УНЕСКО.