-Фејсбук статус на проф. др. Љубомир Цуцуловски
Кога ќе чујам како некои македонски политичари, како и некои аналитичари, тврдат дека Република Македонија требало да стане држава на сите нејзини граѓани – во која, значи, интересот на секој граѓанин би бил еднакво задоволен со интересите на другите граѓани – веднаш се сеќавам на состојбите во соседната Зграда. Во неа, Претседателот на Куќниот совет (фин и демократски ориентиран човек) пред некоја година одлучи Зградата да биде зграда на сите нејзини станари, а тој Претседател на сите станари. За таа цел, одлучи да воведе целосно осветлување во ходниците и скалите, што е, несомнено, убава и хумана намисла. Меѓутоа, едни станари сметаа дека тоа е непотребно, бидејќи доволно било светлата да се палат на сензор, односно само кога ќе има некој во ходникот или на скалите. Меѓутоа, се јавија други станари, кои сметаа дека многу подобро е Зградата целосно да биде осветлена, односно светлата непериканото да светат/горат. Првата група сметаше дека предлогот на втората група е непрактичен, сложен и скап. Но, втората група станари прашуваше кому и зошто би сметало непрекидно осветлување на Зградата. На тоа првата група станари одговараше дека… На нивниот одговор, втората група реплицираше дека… Така, станарите цело време се расправаа и дискутираа, наведувајќи нови и нови аргументи во прилог на сопствените барања и интереси. Претседателот на Куќниот совет, неможејќи да ги спои меѓусебно спротивставените интерси и барања, набргу падна во очај и виде дека неговата хумана идеја Зградата да биде зграда на сите нејзини станари, колку и да е убава, невина и чиста, е неспроведлива. Но, веќе беше касно. Ене ги станарите како и сега, уште поразединети отколку претходно, расправаат дали да биде осветлена само до дваесетиот спрат или осветлен да биде секој непарен кат, можеби секој втор непарен кат, можеби….
Убава и невино-трогателна е намерата (ако е воопшто таква) на некои македонски политичари, аналитичари и експерти, Македонија подеднакво да биде држава на сите нејзини граѓани, а Претседателот на државата да биде претседател на с и т е граѓани, само што не води сметка дека секоја држава, а тоа значи и секое општество, вклучувајќи го и македонското, објективно е раслоено и поделено и дека, според тоа, секоја паметна/реална политика наместо да инсистира на демогашката фраза градење на држава за сите нејзини граѓани, подобро е (и пореално е) да се придржува до принципот: „Што поголема среќа, за што поголем број граѓани.“ Сѐ друго е само празна желба (всушност, п о л и т и к а н с т в о), замајување и одлагање на проблемите, кои доведуваат до уште поголема поделба и тензија помеѓу самите граѓани.