Како што напишаа во писмото така и се случува- затворениците од Идризово и од Штип од денеска штрајкуваат со глад-бараат да бидат амнестирани во рамките на тоа што го дозволува Уставот, а за доживотните осуденици ублажување на казните. Директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ за Алфа вели дека станува збор за не многу голем број на затвореници, кои ја одбивале храната денеска. Попладнево стигна информација дека одбиваат храна и затворениците во прилепскиот затвор. Немале никакви барања од управата, само ги поддржуваат затворениците од Штип и Идризово.
-Во Идризово станува збор за околу 30-тина проценти затвореници, а во Штип храна одбиваат една петтина. Не може да се каже дека е штрајк оти законските процедури не се запазени. Тоа значи официјално известување, потоа лекарски преглед , па потоа почнува штрајкот. Ништо од ова нема, само се одбива храната, вели Стојановиќ.
До него не стигнало никакво писмо, но нагласува дека нема намера никако да интервенира ниту да се меша во одлуката на затворениците.
Подоцна денеска стигна информација од МИА дека во Идризово веќе се вршеле лекарски прегледи на затворениците и оти процентот на тие што ја враќаат храната стигнал до 65.
Во меѓувреме нивните барања изрично ги одби премиерот. Порача дека општа амнестија не доаѓа предвид, она што се дискутира на маса е амнестирање на учесниците во 27 април и тоа што не се нарачатели и не извршиле насилство.
-Во секоја една земја закони за општа амнестија се прават на секои 4-5 години, кај нас тоа се заврши пред неколку месеци, и повторно не може да се случи. Во моментот на маса се дискутира само за закон за амнестија за учесниците во 27 април, но кои не се нарачатели односно извршители на насилствата, нагласи Заев.
Инаку писмото, своерачно напишано се појави вчера на интернет порталите и социјалните мрежи. Затворениците во писмото предупредуваат дека, доколку Владата не одговори на нивните барања во рок од два дена, „ќе биде организиран мирен протест од страна на нивните семејства пред Владата, а штрајкот ќе продолжи“.