Македонија 06. ноември 2018. / 18:00

Над 1000 граѓани годинава завршиле на инфективната клиника во Скопје после каснување од кучиња

Над 1000 граѓани годинава завршиле на инфективната клиника во Скопје после каснување од кучиња

Илјада и единаесет граѓани од почетокот на годинава завршиле на инфективната клиника во Скопје откако биле каснати од куче. Приближно истата е и бројката од лани.

Граѓаните кои ги анкетиравме на плоштадот во центарот на главниот град велат дека бројката на бездомни кучиња е огромна, а дел од нив се агресивни и напаѓаат. Бараат градските власти сериозно да пристапат кон системско решавање на овој проблем.

Дека ситуацијата е на раб да излезе од контрола поради долгогодишната пасивност на надлежните да се справат со проблемите, предупредуваат и од здружението за заштита на правата на животните Анима Мунди. Институциите избегнуваат да ја согледаат и да ја третираат суштината на проблемот, бавејќи се со краткорочни решенија без долгорочни резвултати. Од Анима мунди апелираат до градските власти да ги слушнат сугестиите на здруженијата, но и до граѓаните да не посегнуваат по незаконски и нехумани методи како труење и убивање на животните.

-Со години бараме измена и прецизирање на законската регулатива која ќе го спречи изворот на нови кучиња на улица затоа што само тоа е решение. Бараме дефинирање на одговорното сопствеништво и најстроги казни за напуштање и неконтролирано размножување на милениците; одданочување и контрола на секој кој тргува со животни; задолжителна стерилизација на сопственичките кучиња; масовна и брза стерилизација и кастрација на бездомните кучиња – велат од Анима Мунди.

Од Град Скопје денеска не ни одговорија што конретно се презема во моментов за системско решение. Премиерот Зоран Заев, пак најави можни законски измени за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Според Заев проблемот е во законите, кои, како што рече, се премногу комплицирани и треба да се направи нова регулатива која ќе го организира и функционирањето на шелтер центрите.