Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска во скратена постапка во второ читање поддржа девет закони од областа на социјалната и трудовата сфера, со кои се врши усогласување на постојните законски решенија со закононите за прекршоци и за инспекциски надзор.
– Потребата за овие предлог закони произлезе од донесувањето на новиот Закон за прекршоци и за инспекциски надзор кој е во сила од 2019 година. Најосновно е што во сите закони се предвидува неколкукратно намалување на глобите за одговорното лице во правното лице, службеното лице во институцијата, работодавач, физичко или службено лице, рече Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјална политика во образложението на законите.
Исто така, додаде тој, се дава можност за порамнување во случај на констатирање на прекршок од страна на служеното лице односно инспекторот при извршената контрола.
На седницата беа поддржани измените и дополнувањата на Законот за употреба на знаковниот јазик, Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за заштита од вознемирување на работно место, Законот за практиканство, Законот за волонтерството, на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за вработување на инвалидни лица, Законот за вработување на инвалидни лица, и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Најголем дел од предложение законски решенија беа поддржани без претходна дискусија, а расправа предизвикаа само измените и дополнувањата на Законот за заштита од вознемирување на работно место. Сепак во дискусијата по овој предлог закон, најмалку се говореше за измените и дополнувањата, туку беше искористен како можност за препукување на опозицијата и власта за тоа кој правел мобинг, за партиски реваншизам и за недоверба на граѓаните кон институциите во решавање на ваквите случаи. Расправата ја прекина претседателот на Комисијата кој ги повика членовите да се вратат на темата и доколку дискутираат тоа да го прават само за измените и дополнувањата кои се на дневен ред.