Македонија 05. март 2021. / 20:45

На почетоткот на следната недела ќе се одлучува дали се потребни дополнителни рестриктивни мерки

На почетоткот на следната недела ќе се одлучува дали се потребни дополнителни рестриктивни мерки

Министерот за здравство, Венко Филипче, во Дневникот на Сител потврди дека изминатиот период навистина има зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи и зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација.

Сите модуларни болници веќе се поставени.

Тој нагласи дека изминативе денови имале интензивна комуникација со членовите на Комисијата за заразни болести и рече дека ги следат бројките.

-Дали овој тренд на зголемување ќе продолжи или ќе заземе некое плато, односно дали ќе биде слична слика како во ноември. Засега не е. Тогаш исполнувањето на болничките капацитети беше многу побрзо, отколку сега. Но, внимателни сме и затоа модуларната болница кај Инфективната клиника повторно е во функција, болницата Козле е исто така подготвена и ќе ја пратиме ситуацијата следните денови. Заклучно со почеток на следната недела ќе одлучуваме дали се потребни некакви дополнителни рестриктивни мерки или не, нагласи Филипче.

Според него, граѓаните мора да ги почитуваат превентивните мерки и затоа што тоа и понатаму останува еден од главните механзими во борбата против пандемијата со КОВИД-19.