Македонија 29. октомври 2020. / 16:17

На Кожното одделение во штипската болница ќе се примаат пациенти со Ковид-19

На Кожното одделение во штипската болница ќе се примаат пациенти со Ковид-19

Кожното одделение во штипската Клиничка болница од понеделник ќе прима пациенти заразени со коронавирус на кои им е потребно болничко лекување.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека утринава на состанок е договорено ова одделение, кое е и посебна зграда, комплетно да биде преадаптирано за прием на пациенти инфицирани со коронавирусот.

Таму планираме во наредните два до три дена да завршиме инфраструктурни работи, што се неопходни се со цел од понеделник, вторник да ги имаме и тие дополнителни десет кревети таму. Предвидено е на ова одделение да се хоспитализираат полесните случаи, со полесна клиничка слика, а се со цел да ослободиме десет кревети на Инфективното одделение, кои би ги користеле за потешки пациенти, вели Ѓеорѓијев.

Забележа дека доколку се случи потешко и поцрно сценарио, во тој случај ќе бидат подготвени пациентите на кои им треба болничко лекување да ги хоспитализираат и на Интерното одделение, заедно со собата за интензивна нега.

Ние се подготвуваме, разговараме со раководителите и доколку се јави потреба ќе мора да размислуваме и во таа насока, рече Ѓеорѓијев.

Во штипската Клиничка болница и денеска имаат позитивен случај на Ковид-19 кај здравствен работник, со што вкупната бројка се искaчи на 13 и деветмина се во изолација, поради контакт со инфицираните колеги или членови од семејството. На Инфективното одделение во болнички услови се лекуават 49 пациенти, а над половината од нив се на кислородна поддршка.