Македонија 30. јуни 2018. / 20:09

На 17 јули почнува ЕУ скринингот во Македонија, од кој зависи датумот за преговори во јуни 2019

На 17 јули почнува ЕУ скринингот во Македонија, од кој зависи датумот за преговори во јуни 2019

Владата започна со подготовка за формирање на преговарачки тим со ЕУ. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека преговарачите треба да се консолидираат до средината на следниот месец, кога се очекува посета на еврокомесарот Јоханес Хан. Со доаѓањето на Хан, ќе започне скрининг процесот. Според Османи, групите досега не биле формирани поради тоа што не беше познат ставот на Европскиот совет за Македонија.

„На политичко ниво, ќе имаме клучен преговарач кој ќе ги координира министерствата и ќе имаме технички координатор кој ќе ги координира работните групи за време на разговорите. Останува Секретаријатот за европски прашања да се назначи за политички преговарач, додека за техничкиот ќе одлучиме во следните неколку дена”, рече Османи.

Во врска со блокадата од претседателот Иванов за договорот со Грција за името што се очекува да не го потпише и по второто гласање, Османи истакна дека последниот збор му припаѓа на Собранието. Во врска со тоа, Османи очекува опозицијата да биде конструктивна, додавајќи дека за уставните промени и одржувањето на референдумот има доволно време до крајот на годината.