Македонија 04. јуни 2020. / 13:18

На 1 јули стартува судењето за „Меѓународен сојуз“: Боки 13 и Фросина Ременски на обвинителна клупа

На 1 јули стартува судењето за „Меѓународен сојуз“: Боки 13 и Фросина Ременски на обвинителна клупа

На 1 јули треба да почне судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, во кој на обвинителна клупа, меѓу другите, треба да седнат Бојан Јовановски – Боки 13 и пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски.

Овој предмет ќе го судат истите судии од случајот „Рекет“, Васка Николовска-Масевска и Софче Гаврилова-Ефремова. Судијката Гаврилова-Ефремова е претседател на судечкиот совет, а судијката Николовска-Масевска е втор судија.

Првообвинет во случајот е Бојан Јовановски, а обвинети се и неговиот татко, Миле Јовановски, Јасна Мандиќ, Христина Блажевска и Ременски.

Како што неодамна соопшти Јавното обвинителство, со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело.

Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови, за што вкупно издвоиле над 1 милион евра.