Денеска по насока на Јавно обвинителство Битола, повикан е на информативен разговор во Полициска станица од општа надлежност Демир Хисар М. С. (49), градоначалник на општина Демир Хисар, поради објавена снимка во медиумите во текот на денешниот ден.
Марјанче Стојановски во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта.
По насока на обвинителство Марјанче Стојановски е пуштен во 20.30 часот, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување, пишува во официјалното соопштение на МВР.
Инаку Економски Лидер ја објави снимката каде граданочалникот на Општина Демир Хисар од СДСМ, Марјанче Стојановски им се заканува на вработените во училиштата дека ги прислушува нивните телефонски разговори и следи што прават и каде одат.
Економски Лидер стигна до ексклузивно видео од состанок на Стојановски со вработените кои се бунтувале на перманентниот притисок од негова страна и заканите кои постојано ги добиваат од општината за преместување од нивните работни места и отпуштања.
-Заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ви слушам сите телефонски јавувања. Одење од куќи и така натаму. – им вели разбеснатиот Стојановски на вработените во училиштето.
Ваквата закана на Стојановски отвора простор за тоа дека МВР незаконски ги прислушува граѓаните, по што би требало да биде отворена истрага од страна на обвинителството.
Марјанче Стојановски на градоначалничката позиција дојде на последните избори од редовите на СДСМ. Претходно работел во Министерството за внатрешни работи.