Македонија 01. март 2021. / 10:54

Муцунски: Ваквиот попис е исполнување на политичка желба

Муцунски: Ваквиот попис е исполнување на политичка желба

Најбитно во овој момент е временскиот период во кој ќе се спроведува овој попис, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во гостување во утринската емисија Добро утро, секое утро на ТВ Алфа.

Ние за жал не би сакале тоа да е реалноста, би сакал Македонија да биде со степен на вакцинација не мора како Израел, но да биде приближно како Србија, но за жал во овој момент гледаме дека ние се уште немаме вакцинирано ниту 2.000 здравствени работници, а нема во доглед пристигнување на некои поголем дотур на вакцини, а истовремено планираме да спроведеме една масовна мобилизација и операција која што ќе вклучува повеќе од 25.000 попишувачи кои ќе треба да посетуваат различни домаќинства во нашата држава, додаде пратеникот.

Муцински смета дека попис треба да има, но според него дилемата е дали оваа година треба да се спроведе, посочувајќи дека многу земји од регионот ја послушале препораката од Обединетите Нации и го одложиле за следната година

Попис ни требаше и лани да спроведеме. Но, дали е оваа годината која што треба да се спроведе пописот или можеме да видиме од праксата од земјите од регионот кои што ја послушаа таа препорака на ОН дека секој треба да размисли да го одложи својот попис за следната година, додаде тој.

Пратеникот истакна дека методологијата со која што ќе се попишува населението не е по највисоки стандарди, укажувајќи дека тие понудиле електронски попис со кои ќе се елиминираат сите недостатоци на Законот за попис но и на методологијата.

Самата методологија дозволува да се злоупотребува тој чин на попишување на резидентно населени со тоа што практично некој ако е во посет на вашата лична карта ќе може да ве попише како да сте тука, како да сте резидентно население а вие фактички де факто може и да не сте тука, да сте го оставиле тој документ, рече Муцунски.

Според него има една низа на недоследности на самата методологија која што, како што вели, нас цело време не упатуваат на тоа дека се работи за операција која има за цел да реализира некои политички желби.

Ние дадовме решение, и рековме очигледно е дека оваа методологија не е добра, очигледно е дека оваа методологија не е по највисоките стандарди. Но, ајде да направиме нешто по највисоките европски стандарди за кое што имаме капацитет, имаме соодветна инфраструктура од областа на информатичката технологија и од којашто сите несомнено ќе може да имаме доверба а тоа е електронски попис и сите овие потенцијални злоупотреби кои што може да се случат, сите овие недоследности кои што може да ги има преку еден ваков Закон, и преку една ваква методологија ќе ги елиминираме со електронскиот попис, а патем на Република Македонија ќе и уштедиме доста буџетски пари во година која што како што сите гледаме со оваа страшна економска, социјална и пред се здравствена криза на буџетот му се потребни, нагласи Муцунски.