Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски беше гостин на „Слободна ТВ“. На ова гостување Муцунски оцени повеќе фактори за бугарскиот став и напомена дека не треба да се прави компромис по секоја цена со источниот сосед.
– Има различни толкувања која е позадината на тоа но мислам дека е сплет на повеќе околности. Мислам дека се работи за предизборието во Бугарија, дека се работи за влијание на трети страни кои немаат интерес Македонија да има напредок кон ЕУ и да се дестабилизира регионот, како и дестимулирање на решавањето на отворени регионални прашања, односно дека ќе се создаде праксата дека било какво решавање на спорови не носи шанса за напредок. Но критиката за власта во Македонија е огромна бидејќи дозволи да дојдеме до ваква ситуација, изјави Муцунски.
Според него, грешката е што македонската страна нема воспоставено континуитет во надворешната политика, односно не се внимава на одлуките кои кога се носат денес, тие имаат импликација и во наредните 5, 10, 20 години.
На ова гостување тој изјави дека државен интерес е да ги отвориме преговорите за ЕУ, но дека мора да се напомене дека не смее по секоја цена да се прави компромис со Бугарија.
На оваа емисија тој го искоментира и новиот американски естаблишмент. Муцунски очекува поголема поддршка и поголема отвореност кон Западен Балкан, иако вели, администрацијата на Трамп ги следела претходните политики на САД во регионот.
Тој искажа незадволство од власта. Имено, на ова гостување тој кажа дека е против оналјн Сорабрание, бидејќи истото може да се злоупотреби.
– Нема да дозволиме оваа здравствена и економска криза да се користи како параван на Владата да си реализира други тесни амбиции кои не ја засегаат самата криза. И тука е еден обид од власта да се поедностави дека доколку немаме онлајн гласање, ние нема да бидеме респонзивни на предизвиците со кои се соочуваме…Онлајн гласање не може да има бидејќи Уставот го ограничува. Опозицијата ќе го корист механизмот на немање кворум за проекти кои што немаат никаква врска со оваа криза, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски се залага за отворање на државата и политичките учесници кон експертите кои се консултираат при справувањето со здравствената и економската криза и потенцира дека системот мора да работи поинаку.
– Не сум компетентен да ги судам експертите но сум компетентен како и секој граѓанин, да ги гледам бројките на заразени и смртност кои растат и секојдневно слушаме за траорни ситуации во нашите болници, што значи имаме проблем во функционалноста на системот. Зошто да се затвораме како систем наместо да го отвориме фронтот на експерти кои заедно ќе наоѓаат решенија. Глобалната пандемија треба да ја искористиме да ја намалиме поларизацијата но тоа не значи дека треба немо да се согласуваме со сите политики на власта, изјави Муцунски.
На крајот, тој истакна дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребно обединување бидејќи квалитетна опозиција значи силна држава.