Министерството за внатрешни работи информира за нови инциденти во врска со гласањето на референдумот.
Во 17.25 часот на избирачкото место 2457 во основното училиште „Фаик Коница“ во село Радуша било прекинато гласањето заради забелешки од страна на претседателот на избирачкиот одбор дека Ј.Д., акредитиран набљудувач на невладина организација ги вознемирува гласачите. Ј.Д. доброволно го напупштила гласачкото место. Во 18.00 часот гласањето продолжило.
Во 17.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на гласачкото место број 1863/1 во основното училиште „Јован Крежески“ во село Мислешево, А.М.(32) зел гласачко ливче и ливчето го ставил во џеб, а се обидел други две различни ливчиња да стави во гласачка кутија, но не успеал. После тоа, тој го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Во СВР Охрид било пријавено дека во село Лабуништа, од страна на избирачкиот одбор, била отстранета С.М., набљудувач од невладина организација.
Во полициската станица Радовиш, Д.Р.(62) од Радовиш пријавил дека надвор од гласачките места 1580, 1580/1, 1581, 1581/1, 1582, 1582/1 во средното училиште „Коста Сусинов“ во Радовиш група на граѓани агитирале за гласање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во 17.15 часот во полициската станица Свети Николе, заменик претседателот на Општинската изборна комисија Лозово известил дека истиот ден околу 17.00 часот во просториите на Општинската изборна комисија во Лозово дошло лицето С.С.(44) од село Каратманово и пријавил дека во попладневните часови телефонски му се јавил А.В. и, како што кажал, инсистирал да излезе и гласа и му се заканил дека доколку не излезе ќе му била укината социјалната помош. За настанот бил известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.