Македонија 28. јануари 2019. / 13:27

МТСП достави до ОЈО кривична пријава за злоупотребите со пензиите

МТСП достави до ОЈО кривична пријава за злоупотребите со пензиите

Министерството за труд и социјална политика, денеска, до Основното јавно обвинителство доставува кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.

Tемелните истражувања на пензискиот систем што ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. На овој начин еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година.

-Министерството за труд и политика ја исправа неправдата што претходната власт им ја нанела на овие луѓе и им ги враќа парите на граѓаните. За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од буџетот на РМ. Овие средства ќе им бидат распределени на оштетените осигуреници, односно секому по 400.000 денари- велат од Министерството.

Лошите и неодговорни политики на претходната власт, како што велат од МТСП, доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит, Министерството за труд и социјална политика изготви пакет-мерки, кои стапија во сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем. Целта на МТСП е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите.