Министерството за образование и наука го прифати компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци. Оттаму велат дека предложениот модел велат е во интерес на сите матуранти и со него се задржува стандардот од 4 испити (2 екстерни и 2 интерни), а со тоа ниту еден матурант нема да биде оштетен.
– Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура. Министерството за образование и наука во соработка со Матурскиот одбор навремено ќе ги информира матурантите за направените промени со цел успешно да се подготват за престојното полагање на испитите, се вели во соопштението на МОН.
Од МОН додаваат дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.
– Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме. Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање на квалитетно образование коешто е во интерес на учениците, велат од МОН.