Македонија 18. ноември 2020. / 22:17

МОН додели 15 стипендии за македонистика

МОН додели 15 стипендии за македонистика

Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја изрази својата благодарност до Министерството за образование и наука и до министерката Мила Царовска, поради доделувањето 15 стипендии за студенти што студираат македонска книжевност и македонски јазик на овој факултет.

Во почетокот на октомври, соочувајќи се со смалениот академски интерес за македонистиката како студиум, делегација на Катедрата за македонска книжевност побараа прием кај министерката Царовска. Честопати и јавно укажуваа на потребата од владина поддршка и стимулирање на нивните идни студенти за изучување на македонскиот јазик и македонската книжевност. Тие предложиле стипендии за изучување на македонскиот јазик. Еден месец подоцна, нивните барања се одобрени.

– Пријатно сме изненадени што МОН и министерката не само што покажаа разбирање за академската состојба на македонистиката, туку и брзо реагираа на нашите потреби. И веруваме дека ова е само прв чекор на една континуирана грижа од страна на Владата за македонскиот јазик, книжевност и култура, изјавија од делегацијата на Катедрата за македонска книжевност.

Професорите се задоволни од дадените стипендии за македонистика.

– Нил Армстронг, кога го направи првиот чекор на Месечината, извика: „Ова е мал чекор за мене, но голем за човештвото“. Ние парафразираме, во знак на благодарност: „Можеби е ова мал чекор за МОН, но секако голем за нашите студенти“, велат од Катедрата за македонска книжевност.