Македонија 15. октомври 2019. / 22:12

Могерини побара од европските лидери да ја донесат вистинската одлука за преговори со Скопје и Тирана

Могерини побара од европските лидери да ја донесат вистинската одлука за преговори со Скопје и Тирана

– Сега е моментот да отвориме пристапни преговори со  Македонија и со Албанија за да се зајакне постигнатиот напредок на Балканот – порача високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Во говорот за „Улогата на ЕУ како глобален играч” на Универзитетот Оксфорд Могерини изјави дека се надева оти европските лидери во следните денови ќе ја донесат вистинската одлука.

Според Могерини, Унијата мора да се стабилизира и да го обедини сопствениот континент со внесувањето на Западен Балкан во ЕУ.

– За да ги направиме војните невозможни на нашиот континент, потребно е да се обедини Европа со воведување на Балканот во ЕУ. Во последните години направивме значајни чекори, почнувајќи од договорот меѓу Грција и  Македонија, а важен напредок, и покрај тешкотиите, постигнат е и во дијалогот меѓу Белград и Приштина – вели Могерини.

Таа додаде и дека сите шест партнери во регионот спровеле клучни реформи и оти лидерите и народите од Западен Балкан станале свесни за важноста од меѓусебната соработка, принципот од кој што почнале и првите чекори кон создавање Европска унија, по Втората светска војна.