Македонија 21. октомври 2019. / 09:54

Могерини: Европското „НЕ“ за Скопје и Тирана е историска грешка

Могерини: Европското „НЕ“ за Скопје и Тирана е историска грешка

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ во заминување, Федерика Могерини, оцени дека одложувањето на одлуката на Европскиот совет за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија, не е само пропуштена шанса, туку е историска грешка.

Сумирајќи ги резултатите од минатонеделните состаноци на ЕУ во Брисел, Могерини на својот блог во текстот насловен „Две одлуки, една грешка“, истакнува дека шефовите на држави и влади ја одложиле одлуката за преговори и покрај извонредниот напредок што го постигнале двете земји и позитивната препорака од Европската комисија.

– Тоа е повеќе од пропуштена шанса, тоа е историска грешка што се надевам дека наскоро ќе биде поправена – пишува Могерини.

За разлика од „грешката“ кон Македонија и Албанија, Могерини како добри ги оценува одлуките на европските лидери за Брегзит и за турската воена интервенција во Сирија.