Македонија 26. февруари 2019. / 17:53

МКД.МК: СЈО ќе бара продолжување на куќниот притвор за Мијалков

МКД.МК: СЈО ќе бара продолжување на куќниот притвор за Мијалков

Специјалното јавно обвинителство утре ќе предложи судот да му го продолжи куќниот притвор на Сашо Мијалков, осомничен во случајот „Империја”, потврдуваат неофицијално за МКД.мк од СЈО. Инаку, куќниот притвор на Мијалков му завршува задутре, на 28 февруари.

Куќниот притвор веќе им е продолжен за нови 30 дена на Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ и на Цветан Панделески.

За разлика од нив, куќниот притвор не им е продолжен на Тодор Мирчевски и Зорица Арсовска бијдеќи СЈО не поднело предлог до Основниот суд Скопје 1. Наместо куќен притвор, за Мирчевски има друга мерка, односно еднаш неделно да се јавува во судот, а одземен му е и пасошот. Истото важи и за Арсовска, но таа има и забрана да ги посетува деловните простории каде што работи, а не смее да работи ни од дома за нешто што е поврзано со фирмите што се предмет на истрагата.

Во предметот „Империја“ осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Христина Камчева-Стојческа, Ратка Куноска-Камчева, Зорица Арсовска, Тодор Мирчевски, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Осомничените се товарат за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.