Македонија 15. август 2018. / 16:09

Мирел: Поделбата на Косово е ризична за Македонија

Мирел: Поделбата на Косово е ризична за Македонија

Поранешниот генерален директоратот за проширување во Европската Комисија, Пјер Мирел, во интервју со МИА изрази голема загриженост поради изјавите за поделба на Косово и предупредува дека такво сценарио носи безбедносни ризици за Македонија и за регионот, јави дописничката на МИА во Брисел.

Во интервјуто, поранешниот главен човек за Западниот Балкан вели дека е зачуден од млаката реакција на Европската Комисија по изјавите на Тачи и Вучиќ и смета дека Брисел треба да предупреди за ризиците кои ги носи можната поделба на Косово.

-Веднаш се помислува на Република Српска, но и албанската заедница во Македонија, па хрватските кантони во Босна кои би можеле да речат дека сакаат со Хрватска. Но, ова оди и подалеку: Унгарците во Словачка, можеме да замислиме дека и Русија во Транснистрија би го земале ова за пример, вели Мирел.

Мирел вели дека позициите за територијалниот интегритет на Косово се утврдени уште од преговорите во Рамбује, но не ја исклучува опцијата реториката да е „преговарачка тактика“ на српската страна да го притисне Косово за Заедницата на српски општини. Но, дека оваа е тактика не е добра и носи сама по себе ризици.

-Ако ова не е преговарачка тактика и ако е реална, а референдумот за името во Македонија не помине, апсолутно има ризик. Албанците во Македонија би можеле да си речат дека не им е место во таа земја. Во секој случај ќе се охрабри идејата за прецртување на границите, вели Мирел во интервјуто за МИА.

За Мирел оваа реторика е загрижувачка и поради тоа што отвора сомнеж дека принципите се сменети во Вашингтон и во Москва.

Мирел, објаснува дека Македонија требаше да биде одвоена од Албанија за доделувањето датум за старт на преговори и вели дека жали поради одлуката на Франција да го одложи овој процес.

– Албанија, за која всушност не е толку страшно да се одложи за една година, каде процесот на „ветинг“ е сѐ уште во тек и не е голем проблем, а за Еди Рама не беше тешко. Правам разлика со Македонија, за која за да се помогнат шансите за референдумот ќе беше совесно да се отворат преговорите и жалам што Франција зазема таква позиција. Макрон вели дека треба внатрешни реформи, да тоа добро го знаеме, но реформите можат да се прават паралелно со пристапните преговори, вели Мирел во интервјуто за МИА.

Поранешниот директор е категоричен дека следната година земјите членки нема да го блокираат датумот за преговори за Македонија, без разлика на изборните резултати на европските избори во мај.

Според Мирел не е исклучено Македонија да помине пред Србија кога ќе започнат преговорите со ЕУ, но тој предупредува дека е важно Европската Комисија да се држи до таканаречениот „нов пристап“ во преговорите.

Според новиот пристап земјите кандидати ги отвораат прво поглавјата кои се однесуваат на правната држава и судството, но освен тоа тој пристап налага и многу подлабока контрола на имлементацијата на реформите.

-Тоа веќе се наоѓа во акциските планови 23 и 24 за Црна Гора и Србија, но извештаите покажуваат дека не е тоа тоа. Последните извештаи и за Црна Гора и за Србија тоа го покажаа. И ова е клучна точка: ако ЕК се држи до овој принцип, тогаш може да имаме изненадувања во брзината и напредокот во процесот, затоа што може да треба многу повеќе време од што е предвидено. Затоа што не станува збор само за усвојување закони, туку и нивно спроведување на терен, вели Мирел за МИА.