Mинистерката за правда, Рената Дескоска, го поздрави формирањето на Судско-медиумски совет кој на повисоки основи треба да ја подигне соработката на судството со новинарската фела, од аспект на зголемување на транспарентното работење на судовите и објективното новинарско известување.
Дескоска истакна дека изминатите години јавноста сведочела на честите злоупотреби на медиумите од страна на извршната власт преку објавување на снимки од притварања и судски приведувања на лица, целосно погазувајќи го начелото за презумција на невиност.
„Овој судско-медиумски совет со својата работа треба да ја зајакне довербата меѓу овие две фели и да овозможи правилно и објективно информирање за судските процеси од интерес на јавноста, без при тоа да се нарушуваат основните човекови права на учесниците во постапките“, истакна министерката.
Дескоска потенцираше дека транспарентното и јавно работење на државните органи ја одразува положбата на државните органи во едно демократско општество, а оние кои вршат било каква власт не смеат да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес делуваат.
Таа истакна дека министерството за правда во својата законодавна надлежност ќе продолжи со јакнењето на транспарентното работење на правосудните органи заради зајакнување на довербата на граѓаните во овој сектор и враќање на принципот на владеење на правото.