Министерството за дравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и да ги почитуваат мерките за превенција од коронавирусот.
Согласно препораките на Светската здравствена организација, што ги прифати и нашето министерство, треба да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање непреработена храна и да се мијат задолжително рацете по секоја нејзина подготовка, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.
Покрај тоа, треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, односно задолжително да се носат заштитна опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки, односно да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката, а по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете.
Од Министерството наведуваат дека редовно се следи состојбата и се преземени сите мерки на заштита и превенција.
– Во државава не се забележани сомнителни случаи на коронавирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Македонија е ставена во рамките на земјите со вообичаена доза претпазливост при патување. На аеродромот во Скопје е поставена термална камера, имаме стручен медицински тим со кој раководи епидемиолог. Имаме доволно заштитна опрема со која дежурните екипи ќе постапуваат при евентуален транспорт на сомнителен случај, а деновиве ќе пристинат и околу 500 реагенси за испитување на коронавирусот – потенцираат од Министерството за здравство.