Минатата година од кардиоваскуларни заболувања во државава се починати околу 10 илјади лица, а поголем дел од нив се жени. Карактеристично е дека се поместува границата на возраста за смртноста од овие заболувања. Се почесто, поради лошиот стил на живот, од овие заболувања починуваат и млади луѓе на возраст од 40, па дури и под 40 годишна возраст.
Тоа го изјави денеска Елена Ќосевска, раководител на секторот за промоција на здравје во Институтот за јавно здравје и професор на медицинскиот факултет на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, 29 септември. Годинашното мото е „Биди херој на срцето“.
Кардиоваскуларните заболувања, како што рече,претставуваат најголем здравствен проблем, како во светот, така и во државата.
Според Ќосевска, ризик факторите во почетокот не се познаваат кај здравите луѓе, и поради тоа е потребно нивно рано откривање со редовни прегледи.
– Луѓето мислат дека се здрави но всушност веќе имаат одредени ризик фактори. Видливи ризик фактори се пушењето и крвниот притисок доколку е висок над 140 со 90 веќе е еден знак дека треба да се испитаат и другите параметри и да се констатира кардиоваскуларен ризик. Обично кумулативниот ефект на два три или повеќе ризик фактори е аларм дека граѓанинот треба редовно да посетува доктор и да биде во консултација со својот матичен лекар – рече Ќосевска.
Таа ги повика граѓаните да прават редовни контроли на своето здравје, да го проверуваат и мерат крвниот притисок, холестеролот и мастите во крва, шеќерот во крвта, или ако се пушачи да престанат со пушење. Порача консумацијата на алкохолот да биде согласно со предвидените норми, а тоа значи дневната доза да биде 330 милилитри пиво, десет милилитри ракија или 150 милилитри вино.
– Физичката активност е многу важна. Светска здравствена организација и Светската федерација на кардиолози препорачува дневно најмалку 30 минути луѓето физички да се рекреираат, пешачат. Во нашата држава има многу терени, спортски сали, теретани и други услови се обезбедени само е потребно луѓето да сфатат дека мора да се грижат за своето здравје – посочи Ќосевска.