Македонија 22. јануари 2020. / 12:58

Милошоски: Работните групи на средба за законот за обвинителство до крајот на неделава

Милошоски: Работните групи на средба за законот за обвинителство до крајот на неделава

Договорено е работните групи на власта и на опозицијата за законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава, изјави на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

-Во текот на вчерашниот ден имаше координативен состанок на два члена од двете групи, од владејачката и онаа на опозицијата за динамиката за законот за јавно обвинителство, кој како предлог ни беше доставен пред неколку дена. И договорено е да имаме средба на двете работни групи, секоја група со свои забелешки и аргументи, најдоцна до крајот на оваа недела, истакна Милошоски во прес-салата на Собранието.

Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин што, како што рече, ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен, согласно венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.

Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски рече дека на самата работна средба што би ја имале со колегите од владејачката коалиција, со нивниот правен тим, би ги изложиле своите забелешки, аргументи или одредени аномалии со кои сметаме дека текстот може да се подобри.