По неуспешниот референдум околу 15 мои колеги пратеници, меѓу кои и јас, се повикани од страна на СЈО за разни предмети и сметам дека со тоа се покажува дека Обвинителството има своја политичка намена односно сите овие случаи и постапки и распити имаат за цел да принудат дел од пратениците да гласаат против волјата на народот, односно за измена на Уставот на Република Македонија. Ова денеска го изјави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, по распитот во СЈО за случајот „Моќник“, нагласувајќи дека без разлика на се’ поважно е да се почитува волјата на народот и истото ќе го направам и јас.
– Предметите не би ги коментирал во подробности, но би кажал дека истите се неосновани и самиот тајминг на покренување на предметите после пропаднатиот референдум навестува дека СЈО има селективна правда и е политичка институција што сака да изврши притисок врз поголем дел на пратениците од опозицијата да гласаат за уставните измени. Според мене, волјата на народот е изразена на референдумот и е поважна од каков било притисок и ќе гласам против промена на Уставот, изјави Милошоски.