Директорот на статистика, Апостол Симовски денеска се закани со казна затвор од три години за оној што ќе се попише како да е во странство.
Ова следива откако неколку програмери посочија дека во системот за попишување многу лесно може да се влезе преку користење „VPN“ со што секој кој е во Македонија може да се попише како да живее во странство.
На заканата на Симовски денеска реагираше пратеникот Антонио Милошоски кој побара од директорот на статистика да го прочита Законот за попис.
– Наместо да им се заканува на граѓаните со затворски казни, директорот на Заводот за статистика треба да прочита дека според член 41 од Законот за попис тој е лично и кривично одговорен за пуштање во употреба на неефикасен и незаштитен електронски систем за попис на населението, кој е платен со буџетски пари, а е пробиен уште на првиот ден, објави на фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.