Пратеникот Антонио Милошоски, кој вчера беше дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук напиша дека договор за нов Закон за обвинителство ќе се постигнел доколку премиерот Зоран Заев не бил толку нервозен за случајот „Рекет“.
Милошоски напиша дека Заев не прифатил ниедно системско решение за висока корупција и инсистирал обвинителката Вилма Рускоска да биде на чело со новото СЈО.
– Договор за нов Закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше толку нервозен во врска со предметот „Рекет“, што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во „Рекет“ е многу повисоко во власта, од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева. – напиша Милошоски.