Македонија 20. ноември 2020. / 12:24

Милошоски: Со Заев и Филипче здравството кризира, време е за експертска Влада

Милошоски: Со Заев и Филипче здравството кризира, време е за експертска Влада

Пратеникот Антонијо Милошоски, на денешната прес-конференција пред Владата го истакна ставот, како што рече на ВМРО-ДПМНЕ, дека по оснос на економската ситуација, надворешно политичката ситуација, блокадата од ЕУ и здравствената криза – сите три кризи имаат име и презиме, а тоа се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров.

„Сметаме дека проектот наречен – Зоран, Венко и Никола Димитров  треба да си дадат оставка, затоа што во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денеска. И за граѓаните и за здравствениот сектор и за економскиот сектор, но за жал и за европерспективата. Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме Влада на експерти којашто ќе може подобро да се носи и во здравството и во економијата и во евроинтеграциите“, додаде Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев, Филипче и Димитров се дел од проблемот на оваа државна криза, а не се дел од решението.

„Нивна оставка но најмала рака е морален чин од нивна страна, а во Собранието и на повисоко политичко ниво ќе може да се разговара за Влада којашто ќе ужива поширока доверба, и наместо партиски личности ќе има екперти во секоја област коишто ќе можат да понудат конкретни решенија за следната една година да можеме да имаме план за излез од кризата“,  појасни Милошоски.

Тој додаде оти цени дека има позитивен сигнал од Алијанса за Албанците и од Алтернатива кои го делат мислењето дека на државата во ваква кризна економска, надворешно-политичка и здравствена ситуација повеќе би и помогнала експертска Влада, отколку Влада којашто има изгубено доверба.