Македонија 13. јануари 2021. / 19:32

Милевски: Го правиме пописот со податоци стари 20 години, за да направиме ажурирање на тие податоци

Милевски: Го правиме пописот со податоци стари 20 години, за да направиме ажурирање на тие податоци

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во емисијата 24 анализа се осврна на локалните избори и на спорот со Бугарија.

Локалните избори се пред нас и веќе од пролет ќе почнат калкулациите меѓу сите политички партии и ќе се „вжешти“ политичката атмосфера. Ние како Министерство, но и како партија се залагаме на локалните избори граѓаните да одлучуваат на отворени листи, изјави Милевски.

Министерот  посочи дека власта не може да се децентрализира на локално ниво и цела да биде насочена кон градоначалникот. Треба Советот да биде моќен, советниците треба да си ја работат својата работа, за тоа треба да бидат платени и не треба да бидат корумпирани.

Дали се големи Советите, дали треба да се намали бројот на советници, тоа треба да го дискутираме. Ние во една наша платформа што ја работиме со ЗЕЛС, сметаме дека би требало да се намали бројот на советници, но и тие да се бираат на отворени листи за да влезат луѓе кои имаат авторитет во средината, изјави Милевски.

Тој додаде дека советниците не треба да бидат потчинети само на политичките партии, туку да бидат насочени и лојални кон граѓаните кои ги бираат. На тој начин, според него, во Советите ќе влезат и лица од НВО секторот.

Во однос на пописот, Милевски вели дека пописот е нужен на државата.

„Ние го правиме пописот со податоци стари 20 години и сега го чекаме пописот да направиме ажурирање на тие податоци“, вели Милевски.